Ели Маказлиева – Скопље, Македонија

Ели Маказлиева, тел. 072304038/ 075252726

КУСА БИОГРАФИЈА со БИБЛИОГРАФИЈА на

м-р ЕЛИ МАКАЗЛИЕВА

Ели Маказлиева е родена во Битола, каде завршува основно и средно (гимназиско) образование. Високо образование завршува во Скопје, на УКИМ, Филозофски факултет на Институтот за педагогија и постдипломски студии со што се стекнува со звањето Магистер по педагошки науки. По дипломирањето работи како воспитувач, училишен педагог, за поголемиот дел од работниот век да го помине како уредник и главен и одговорен уредник во издавачката куќа ПРОСВЕТНО ДЕЛО, Скопје (1987 – 2013).

Последните години беше и вонреден професор, предавач на Универзитетот Американ колеџ во Скопје (УАКС) како професор по педагогија на студентите со наставна насока – англиски јазик.

По долгогодишното искуство во пишувачката и издавачката работа, во 2013 година ја основа издавачката куќа ЕДУКА МАК и е Претседател на уредувачкиот и редакциски одбор во истата до денес.

Била Претседател на ЗДРУЖЕНИЕТО на ИЗДАВАЧИТЕ и КНИЖАРИТЕ на Република Македонија, од 2007-2012 година.

Член е на ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА.

Во текот на своето работење, учествувала во реализацијата на многу работилници и проекти како координатор, тим лидер, раководител. Учествува на многу меѓународни конференции и конгреси во земјата и странство а нејзините трудови се објавени во преку 40 зборници и меѓународни списанија.

Добитник е на многу сертификати, благодарници, дипломи. Добитник е на повеќе награди на национално ниво како на пример: Награда „СТРУШКО ИЗГРЕЈСОНЦЕ“ за најдобра поетска книга за деца „ВЕСЕЛИ ПЕСНИ СО БУКВИТЕ ЛЕСНИ“ (2016); Награда за најдобра поетска творба за возрасни „ЕЗЕРОТО“ на ОХРИДСКИ ПОЕТСКИ БИСЕР (2018); Прва награда за најдобар краток расказ со наслов „Планина од полски цвеќиња“ од ОЖ на Општина Битола (2019); ТРИ НАГРАДИ за најдобри книги за деца во 2018 година, на ОХРИДИЈАДА 2019;  Награда за најдобра поетска книга за возрасни „ ЗДИВОТ НА СТРАСТА“ на Дата песнопој (2020) и други.

АВТОР е на идејата и реализацијата на проектот – литературната манифестација – ФЕСТИВАЛ НА ПОЕЗИЈА ЗА ДЕЦА „СТИХУВАЛКИ 2018“, „СТИХУВАЛКИ 2019“ како и по трет пат оваа 2020 година, поддржан од Министерството за култура на  РСМ.  Истовремено е координатор, програмски уредник и организатор на истиот проект. Автор е на проектот „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА – КИЦ, Софија 2019“ поддржан од Министерство за култура ма РСМ (Област-меѓународна соработка).

Со пишување се занимава целиот свој живот, а за своите дела има добиено многу признанија и награди. Со свои поетски творби настапува на бројни поетски и литературни манифестации во земјата и надвор. Дел од нејзини песни се објавени во повеќе антологии, книги и списанија меѓу кои:

1.„ПЕСНИ ЗА СКОПЈЕ“: д-р Васил Тоциновски – Дирекција за култура и уметност, Скопје, 2000;

2.„УБАВИТЕ ЖЕНИ“: д-р Васил Тоциновски – Дирекција за култура и уметност, Скопје, 2001;

3.„СИМФОНИЈА НА СРЦЕТО 3“: Група автори – Здружение за наука, култура и литература „ЗЛАТНО ПЕРО“ -Битола, 2017;

4. АНТОЛОГИЈА НА СОВРЕМЕНА ПОЕЗИЈА ЗА ДЕЦА И МЛАДИ- „ТОА СУМ ЈАС“, Македонија презент -Скопје, 2017;

5. Поетска манифестација „ОХРИДСКИ ПОЕТСКИ БИСЕР“, Охрид 2016-2017;

6. Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“, Гостивар – 2018;

7. „СВЕТА ПЕСНА“, Дата ПЕСНОПОЈ – Битола, 2018;

8.„ДЕН СУДБОНОСЕН“-26 јули 1963, Скопје, 2018;

9. „НЕДОРЕЧЕНОСТ, О ПРОКЛЕТА ДА СИ“, Антологија на песни посветени на Даница Ручигај, С.Стаменов и И.Чоловиќ, Скопје, 2018  и други зборници и списанија за литература за возрасни и деца.

Автор е на детски песни и раскази во детски списанија и учебници како и песни за детски фестивали (Калинка).

Идеен творец е на списанијата за деца  „СМЕШКО“ (2913-2016) и „СУПЕР СМЕШКА“ (2016 –до денес), каде редовно пишува текстови и стихови за деца. Нејзиното име се среќава во над 40 зборници и списанија. Има објавено над  40 стручни трудови во различни зборници, преку учество на бројни конференции, конгреси, симпозиуми како и многу песни за деца објавени во различни списанија за деца.

Автор и коавтор е на над 60 објавени наслови со различна содржина од кои: 28 книги (поезија и проза за деца и возрасни), 17 прирачници за деца од предучилишна возраст, како и на првата Македонска илустрирана енциклопедија за деца, 11 учебници и прирачници за ученици и 3 други книги за возрасни.

БИБЛИОГРАФИЈА

ПОЕЗИЈА ЗА ВОЗРАСНИ:

1. „Интерни стихувања“ (1992);

2. „Големото чекање“ (1993), НИО Студентски збор;

3. „Сон недосонуван“ (1999), Матица Македонска;

4. „Замисленото море“ (2002) Македонска книга;

5. „Непознавање на познатото“ (2007), Дирекција за култура и уметност;

6. „Мирисот на добрината“ (2019), ФЕНИКС;

7. „Здивот на страста“ (2020) ДАТА ПЕСНОПОЈ, Битола.

ПОЕЗИЈА ЗА ДЕЦА:

  1. „Распеана броенка“ (1998)- сликовница во стихови,  Просветно дело;
  2. „РАДОСНИЦА“ (2010) во првата година… My Baby Record Book. Римувани стихови, Просветно дело & Hinkler Books Pty LTD;
  3. „Новогодишна шумска прослава“ (2013)- сликовница во стихови – ЕДУКА МАК;
  4. „Шумска олимпијада“ (2014), сликовница во стихови;
  5. „Песни и сказни за овошја и зеленчуци разни“ (2014) – сликовница во стихови;
  6. „Новогодишни детски желби“ (2014)- сликовница во стихови;
  7. „Новогодишна елка“ (2015) – сликовница во стихови;
  8. „Весели песни со букви лесни“ (2016) – сликовница во стихови;
  9. „РАЗИГРАНИ ЧАДОРЧИЊА“ (2016) – збирка поезија за деца;
  10. „Новогодишен подарок за Перко“ (2016) -сликовница во стихови;
  11. „ПЧЕЛКИ НА РОЛЕРКИ“ (2017) – збирка поезија за деца;
  12. „ГАТАНКИ погодувалки-пишувалки“ (2018),  книга за деца;
  13. „ВЕСЕЛИ ВАГОНИ НИЗ ЧЕТИРИ СЕЗОНИ“ (2020) – поезија за деца;

ПРОЗА ЗА ДЕЦА:

  1. „4 ГОДИШНИ ВРЕМИЊА“ (2015) – книга со раскази и стихови за деца-ЕДУКА МАК;
  2. „Авантурите на мачорот Перко“(2017) – раскази за деца;
  3. „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“ (2017) ;
  4. „Среќен роденден“ (2019) – книга со раскази за деца;
  5. „ВОЛШЕБНАТА САНКА“(2019) – сликовница за деца;

Автор е и на многу едукативни боенки и сликовници за деца од предучилишна возраст.

Автор и коавтор е на 18 едукативни книги прирачници за предучилишна возраст објавувани во периодот од 1992 до 2019 година.

Автор и коавтор е и на 16 учебници и прирачници за основно и средно образование објавени во периодот од 1990 до 2009 година.

Ели Маказлиева

ПОД ЛИПАТА НА ПЛАНИНАТА

Ако седнеш под липата на планината,

Таа тивко ќе ти раскажува

дека не ја засадија на плоштадите

крај патиштата, крај минувачите

за да биде пролетна кралица,

туку таму, најгоре на планината

како летна планинска убавица.

Никната од утробата на плодната мајка,

растена од утробата на длабоката земја,

создадена од чудото на питомата природа,

распослана врз тешките гради на земјата

ја дои густата крошна

и ги обликува во срце лисјата.

Секој лист ги држи заедно цветовите

како гнезда во нејзината коса

мрежесто испреплетени во китки

како пламнати мудри огномети.

Ако седнеш под липата на планината,

ќе видиш како ги крева лиснатите раце

високо кон небото, како кон бога!

Да го слушне звукот на тапаните,

да танцува и шумолејќи да рика

испраќајќи го мирисот кон ливадите.

Тој благ и пријатен мирис на липа

со жолто – зелен здив ти ја опива душата

како од божествената песна на славејот

пред залезот на сончевината.

Ако седнеш под липата на планината,

утрото светнува и љубовта не умира,

времето тече и животот се празнува,

мислата е ослободена, се издигнува

во блажена, мирна тишина.

Со златни зрна ти се полнат очите,

на ридот го возвишуваш погледот,

со златна пајажина ткаеш низ годините

како да ја плетеш патеката на животот.

Ако седнеш под липата на планината,

излегуваш од времето – невреме,

како во летна магија патуваш со добрината,

нижеш стихови во вителот на ветрот,

тука, под липата на планината.

Leave a Reply

Ваша адреса е-поште неће бити објављена. Неопходна поља су означена *